(Видео) Прв сериски убиец на жени во Македонија: Обвинителството откри уште две убиства и два обиди за убиства

Истрагата за осомничениот убиец од Старо Нагоричане, кој според обвинителството се води како прв сериски убиец на жени во Македонија, открила уште четири нови кривични дела – две убиства и два обиди за убиство.

Ова денеска на брифинг го соопшти обвинителот Љубомир Лапе, кој посочи дека случајот има елементи на фемицид, бидејќи сите жртви биле жени и нападите биле мотивирани од нивниот пол.

„Се работи за прв случај на сериски убиец со елементи на фемицид, бидејќи сите жртви биле жени и биле нападнати токму поради нивниот пол“, кажа обвинителот Лапе.

Според досега објавените информации од обвинителството и полицијата, осомничениот е идентификуван со иницијали Т.Б., 25-годишен жител на селото Малотино во општина Старо Нагоричане.

Обвинителството и полицијата веќе водат постапка за повеќе убиства врз жени во кумановскиот регион, а со новите откритија истрагата дополнително се проширува

Обвинителот ја објасни хронологијата на истрагите.

– На почетокот истрагата се однесуваше на убиство на едно женско лице, потоа се појави второ женско лице, тогаш прострујуваше во јавноста дека се истражуваат и други случаи и точно, се истражуваше, вкупно се 6 кривични дела каде жртвите се жени, од кои 4 се убиства, а две се во обид. Самата бројка според мене е доволна да се работи за фемицид, тој не напаѓа во круг на семејство, или дека имал некакви врски со нив, жртвите ги бира затоа што се жени.

Извршени се три ексхумации, само во еден случај не се потврди дека се работи за кривично дело убиство. Сите жртви се од истото подрачје, Старо Нагоричане. Сторителот оперира на тоа подрачје. Тоа е слабо населен регион, куќите се од разбиен тип, до сега нема никакви индиции дека делувал надвор од овој регион, објасни обвинителот.

Жртвите на обидот за убиство се сослушани од страна на обвинител.

Обвинителот додаде дека до него пристигнала информација дека СВР Куманово има поднесено кривична пријава за лекарите, кои констатирале смрт без траги на насилство кај жртвите.

– За лекарите што констатирале природна смрт, СВР Куманово достави кривична пријава против две лица за констатациите на смрт. Од сите проверки не се утврдени пропусти од кривично-правен карактер кај полициските службеници, наведе обвинителот.

Хронологија на истрагите

– За првите две убиства, првата наредба за истрага е за настан во период од 27.01.2026 до 12.02.2026. Втората истрага за кривично дело убиство сторено во точен и утврден временски период од 17.01 до 18.01.2026. Новиве две убиства, едното е убиство помеѓу 05.01 и 06.01.2025, второто е во временски период меѓу 05.06 и 07.06.2025 година, наведе обвинителот.

Обидите се на ден 22 јули 2025 година, вториот обид за убиство е на 9 февруари 2026 година.

До овој момент не е утврдено постоење на сомневање дека некој од неговите блиски, семејство итн, учествувал во било која форма во кривично дело убиство.

Осомничениот е неженет, нема деца, на возраст од 25 години.

Обвинителот наведе дека притворот за овој тип на кривично дело може да трае од три до шест месеци, во тој период мора да се поднесе обвинение, а сите рокови ќе бидат испочитувани.

Back to top button
Close