Русија воспоставува „целосно партнерство“ со талибанците во Авганистан

Русија воспоставува „целосно партнерство“ со Авганистан предводен од талибанците и ги охрабрува и другите земји во регионот да ја прошират соработката со Кабул – изјави денеска секретарот на Рускиот совет за безбедност и поранешен министер за одбрана, Сергеј Шојгу, кој наведува дека соработката со Кабул е важна за безбедноста и развојот на регионот.

Русија минатата година стана првата земја што официјално ја призна исламистичката влада на талибанците, која ја презеде власта во август 2021 година во услови на хаотично повлекување на американските трупи од Авганистан по 20 години војна.

Шојгу рече дека Москва гради „прагматичен дијалог“ со талибанците, што вклучува безбедност, трговија, култура и хуманитарна поддршка.

Шојгу го изложи рускиот став пред своите колеги на состанокот на земјите членки на Шангајската организација за соработка (ШОС), која ја сочинуваат 10 земји, вклучувајќи ги Кина, Индија, Иран, Пакистан и многубројни поранешни републики на Советскиот Сојуз.

ШОС треба да ја обнови својата контакт-група за Авганистан, додаде Шојгу.

Русија ги забрани талибанците како терористичко движење во 2003 година, но забраната беше укината во април 2025 година.

Британските медиуми пренесуваат дека Русија ја гледа потребата од соработка со Кабул бидејќи се соочува со голема безбедносна закана од исламистички милитантни групи во низа земји од Авганистан до Блискиот Исток.

Back to top button
Close