Не знам што зборувале, можеби се пријатели – вели Сиљановска-Давкова за телефонскиот разговор на премиерот и државниот обвинител
Можеби се пријатели, па се слушнале – „здраво, како сте, како ви оди работата“. Јас не можам да кажам за каква телефонска комуникација станува збор бидејќи немам увид во телефонските комуникации. Ова денеска го изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, прашана за коментар во врска со телефонскиот разговор што го оствариле премиерот Христијан Мицкоски и државниот јавен обвинител Ненад Савески.

„За ова мислам дека треба да ги прашате обајцата. Е сега, не знам дали е приватен разговорот. Не можам да судам бидејќи не знам за што зборувале. Значи, не можам јас да оценувам нешто што не знам, но вие како новинари имате право да прашате од каква природа бил разговорот“,
изјави Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарски прашања.
Дури и кога се работи за прислушувани разговори, вели претседателката, никаде и никогаш не се објавува она што е од лична природа, туку само она што се однесува на работата што ја вршат функционерите.
„Инаку, генерално се знае дека треба да се почитува поделбата на властите, тоа е темелот, тоа се Копенхашките критеритуми – поделбата на власта, надлежноста на секој во сопствената област со користење на спрегите и кочниците што ни се дозволени“,
изјави претседателката.
Јавното обвинителство на РСМ вчера потврди дека државниот јавен обвинител Ненад Савески вчера имал телефонски повик од премиерот Христијан Мицкоски, што, како што наведоа, било првпат по неговото стапување на обвинителската функција. Оттаму посочија дека обвинителот не може да спречи никого да му се јави телефонски. Во однос на разговорот што Савески го имал со премиерот, велат дека не станало збор за детали за конкретен предмет, вклучително и за запирањето на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
Во врска со одлуката на ОЈО ГОКК да ја запре постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, премиерот вчера рече дека разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески, кој му пренел дека не бил информиран за одлуката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.






