Нова „флотила за Газа“ со околу 50 бродови исплови од Турција
Нова „флотила за Газа“, составена од околу 50 бродови, денеска напладне исплови од турското пристаниште Мармарис, на југозападот на земјата, соопштија организаторите.
Станува збор за трет обид за пробивање на блокадата на Појасот Газа, воведена по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Претходната флотила беше пресретната од израелската војска на 30 април, при што 175 активисти беа уапсени во меѓународни води.
– Околу 50 бродови испловија од Мармарис – изјави за АФП еден од координаторите на флотилата „Глобал сумуд“, Горкем Дуру. Тој додаде дека бродовите моментално пловат кон Газа, пренесува Анадолија.
На конвојот на море треба да му се приклучат уште „четири до пет бродови на Коалицијата на флотилата на слободата“ во меѓународни води.
Организаторите најавија дека редовно ќе ги објавуваат плановите за патувањето откако флотилата ќе се обедини и ќе се прошири.
Во есента 2025 година, првото патување на глобалната флотила „Сумуд“ („отпор“ на арапски јазик) преку Средоземното Море кон брегот на Газа привлече големо светско внимание. Таа беше пресретната од израелските сили во близина на египетскиот брег и брегот на Газа, по што активистите беа префрлени во Израел и итно депортирани.
Во текот на војната во Газа, која започна со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, енклавата се соочи со недостиг од храна и од други основни намирници. Израел ги контролира сите влезови во Газа, која е под израелска блокада од 2007 година, а пристапот на хуманитарна помош и натаму е значително ограничен. Израел и палестинското исламистичко движење Хамас меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето што стапи во сила на 10 октомври 2025 година, по две години војна






