Нетанјаху најави тужба против „Њујорк тајмс“ поради текст за палестински затвореници


Израел планира да покрене тужба за клевета против весникот „Њујорк тајмс“ и еден од неговите новинари поради напис во кој се тврди дека израелски војници, чувари и доселеници вршеле сексуално насилство врз палестински затвореници, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Тој соопшти дека им наложил на своите правни советници да ги разгледаат најстрогите правни мерки против медиумот и новинарот Николас Кристоф, кој известувал за состојбите на окупираниот Западен Брег.

– Тие ги клеветеа израелските војници и ширеа лажни обвинувања за силувања, обидувајќи се да создадат лажна симетрија меѓу геноцидните терористи на Хамас и храбрите израелски војници – се наведува во соопштението на Нетанјаху. Премиерот додаде дека Израел ќе се бори против „овие лаги“ и во јавноста и пред судовите.

Обединетите нации и групи за човекови права претходно соопштија дека документирале случаи на сексуално насилство и од страна на Израел и од страна на Хамас по нападот на 7 октомври 2023 година. Нетанјаху не прецизираше каде и кога ќе биде поднесена тужбата. Тој и во август минатата година се закани со слична постапка против весникот поради текст за гладот во Газа, но тогаш не поднесе тужба.

„Њујорк тајмс“ во соопштение објавено вчера, го бранеше текстот на Кристоф. Написот вклучува сведоштво на палестински очевидец кој тврди дека бил силуван од куче, обвинение што Израел категорично го негира.

Портпаролот на весникот, Чарли Статландер, изјави дека сведочењата на 14 интервјуирани лица биле потврдени од други сведоци, роднини и адвокати, додавајќи дека деталите биле подложени на темелна проверка. Во текстот Кристоф наведува дека американските даноци ги субвенционираат израелските безбедносни служби, поради што САД се соучесници во сексуалното насилство.

Back to top button
Close