Строга изолација и 42 дена надзор: САД следат 41 лице поради можен хантавирус од крузер

Во Соединетите Американски Држави под здравствен надзор се 41 лице поради сомнеж дека можеби биле изложени на хантавирус, соопшти американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Станува збор за лица за кои постои ризик од заразување поради контакт со случаи поврзани со појава на вирусот на крузер.

На сите 41 лице им е наложено да останат дома и да избегнуваат контакт со други луѓе во текот на 42-дневен период на следење, што е мерка поврзана со можната подолга инкубација и ризикот од натамошно ширење.

Лекарот од ЦДЦ кој ја координира ситуацијата, Дејвид Фитер, изјави дека потенцијално изложените лица припаѓаат на три главни групи: патници кои неодамна биле репатрирани и во моментот се наоѓаат во Небраска и во Емори, патници кои го напуштиле крузерот и се вратиле дома пред да биде забележана епидемијата, како и лица кои можеби биле изложени за време на патувањето, особено на летови на кои имало симптоматски случаи.

Истовремено, Светската здравствена организација предупреди дека може да се очекува раст на бројот на случаи поради долгиот период на инкубација и блиските контакти меѓу патниците.

Според информациите, појавата на смртоносен хантавирус (андски сој) била регистрирана на холандскиот крузер „MV Hondius“ во април годинава, за време на патување од Аргентина кон Зеленортските Острови. СЗО наведува дека инкубацијата може да трае од шест до осум недели, што ја зголемува потребата од внимателен надзор.

Во меѓувреме, француската министерка за здравство Стефани Рист соопшти дека во Франција биле тестирани сите контакти на лицата позитивни на хантавирус и дека сите резултати биле негативни.

Back to top button
Close