Советник на Ердоган: Проширување на грчките води би било повод за војна

Советник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган потврди дека заканата на Турција со војна доколку Грција ги прошири своите територијални води од шест на 12 наутички милји и натаму останува официјална политика на Анкара, пренесува Екатимерини.

Чагри Ерхан, академик и советник на Ердоган, изјави дека одлуката на турскиот парламент од 1995 година сè уште е во сила и дека проширување на грчките територијални води „дури и за еден сантиметар“ би претставувало повод за војна.

Ерхан додаде дека законот што Турција го подготвува за официјализирање на своите поморски претензии, познати под концептот „Сина татковина“, не претставува непријателски чин кон Грција.

Ставот на Турција е дека нејзиниот брег е „затворен“ од низа грчки острови во Егејското Море и дека проширувањето на грчките територијални води би било неприфатливо. Од друга страна, Грција возвраќа дека според меѓународното право има целосно право да ги прошири своите води кога ќе одлучи.

Турските медиуми објавија и дека новата регулатива би му дала на претседателот на Турција овластување еднострано да прогласува ексклузивна економска зона до 200 наутички милји, иако според Конвенцијата на ОН за поморско право за тоа е потребна согласност од соседните држави. Турција сè уште не ја има ратификувано оваа конвенција.

Турски претставници тврдат дека ваквите чекори се одговор на потезите на Кипар, кој Турција не го признава, и дека Анкара не може пасивно да ги следи случувањата во Источниот Медитеран. објави Скопје1.мк

Back to top button
Close