Иран: Вашингтон е во „состојба на збунетост“ околу конфликтот

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска ги обвини Соединетите Американски Држави за водење недоследна и непредвидлива надворешна политика.

На прес-конференција во Њу Делхи, Арагчи изјави дека американската влада испраќа мешани сигнали.

– Пораките што ги добиваме од американската страна варираат од ден на ден … Понекогаш дури добиваме неколку различни пораки во еден ист ден – рече Арагчи.

Како пример, тој ги наведе изјавите на претседателот Доналд Трамп, кој изрази огорченост поради предлогот за преговори од страна на Иран.

– Потоа, сепак, повторно добивме пораки од американската страна кои укажуваат дека тие се заинтересирани за продолжување на разговорите и понатамошна интеракција – рече Арагчи на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на БРИКС.

Според него, САД се во „состојба на збунетост“ и немаат стратегија за завршување на војната, пренесе ДПА.

– Секој ден именуваат различни цели. Навистина се надеваме дека разумот и мудроста ќе се вратат во Белата куќа – изјави Арагчи.

Иран е подготвен за сите опции, продолжи министерот. „Или ќе се вратиме на бојното поле и во војна, или ќе се вратиме на преговарачката маса, ќе водиме разговори и ќе го следиме патот на дипломатијата“.

– Мојата земја е подготвена за двете опции. За нас нема разлика – рече тој.

Back to top button
Close