Николоски за влез на „Рајанер“ во Македонија: Условите кои ги поставуваат се невозможни, пристапот е уценувачки

На вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски му беше поставено прашање дали постои можност за влез на нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“ на македонскиот пазар, на што тој одговори дека не смета оти условите што ги бара компанијата се добри или одржливи за државата и домашниот авио-сектор.
„Не мислам дека е добро решение за македонскиот пазар затоа што условите кои ги поставуваат се невозможни. Ние во моментов даваме субвенции 9 евра за скопски аеродром, 12 евра за охридски аеродром, што се едни од повисоките субвенции што може да ги најдете на пазарот, и не случајно 28 нови дестинации се отворени за помалку од 2 години откако е избрана оваа влада.
Барањето на Рајанер е 25 евра субвенција по седиште, што е повеќе од 2,5 пати за скопскиот аеродром. Барањето е приоритетно да се опслужуваат дневните авиони. Барањето е да не се користат никакви услуги на скопскиот и охридскиот аеродром.
Дури и скали сопствени имаат во рамки на авионите. Барањето е да ги откажеме дел од дестинациите коишто сега ги работат други авиокомпании. Мислам дека тоа е уценувачки пристап. Не знам дали пратите, најголемиот удар во авиоиндустријата се случува токму од нив, целосно ја затворија сопствената база во Солун, со што солунскиот аеродром е пред колапс. Ја затворија сопствената база во Виена и во овој период на криза на Блискиот Исток, тоа е компанија со најмногу откажани летови.
За разлика од авиокомпаниите кои што се кај нас, тоа се стабилни компании. Од нискобуџетните ги имаме Виз Ер и Изи Џет, се работи за компании коишто дури и во криза растат. Виз Ер веќе ќе го донесе седмиот авион на скопскиот аеродром, го користат скопскиот аеродром како база, а веќе почнуваат да прават база и на охридскиот аеродром“, вели Николоски.
Извор: skopje1.mk






