Не помина предлогот на СДСМ министрите да имаат само македонско државјанство
Владејачкото мнозинство не ја поддржа потребата од измени на Законот за влада – министрите да имаат само македонско државјанство. За измените на законот предложен од СДСМ гласаа само 20 опозицики пратеници. СДСМ предложи измени на Законот за Влада за тој да биде компатибилен со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ – пратениците да имаат само македонско државјанство. Законското решение го образложи координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски. Тој рече дека пратеничката група на СДСМ предложи законот да се носи по скратена постапка.

-Законското решение треба да е компатибилно со измените на Законот за пратеници предложен од ВМРО-ДПМНЕ, односно да се донесе закон членовите на Владата да имаат само едно државјанство. Има министри во Владата кои имаат едно или повеќе државјанства, а бидејќи таков услов се поставува во Законот за пратеници, тогаш треба да имаме едно вакво законско решение со кое ќе ограничиме само државјани на Македонија да можат да бидат членови на влада. Ова не е спротивно на идејата понудена од ВМРО-ДПМНЕ во Законот за пратеници, а со ова ќе ги исполниме и очекувањата на граѓаните. Оние кои се обврзуваат дека ќе им служат на граѓаните, да имаат само македонско државјанство. Има членови на Владата со бугарски, чешки државјанства, зборувам за министерката за енергетика Сања Божиновска. Се надевам дека и мнозинството ќе го поддржат законот и дека ќе продолжи постапката и за овој и за Законот за пратеници кој сега се успори – рече Спасовски.






