Романски пилот на Ф-16 во мисија на НАТО собори дрон во воздушниот простор на Естонија

Романски пилот на борбен авион Ф-16, кој учествува во мисијата на НАТО за заштита на воздушниот простор на Балтикот, денеска успешно собори беспилотно летало кое навлезе во воздушниот простор на Естонија, потврди романскиот министер за одбрана Раду Мируца.
Министерот Мируца, во изјава која ја пренесува онлајн изданието на весникот „Адеврул“, на својот Фејсбук профил напиша: „Во сложената глобална борба против дроновите, еден романски воен пилот денеска постигна голем успех. Извршувајќи мисија за воздушно патролирање во Литванија во име на Романија, капетанот од втор ранг Павелеску Костел-Александру успеа да го лоцира, нападне и да го собори на земја дронот што навлезе во Естонија“. Мируца додаде дека лично го запознал пилотот во воената база во Фетешт, југоисточна Романија, и уште тогаш ја забележал неговата одлучност да докаже дека со Ф-16 може да се елиминира ваква цел.
Успехот на романскиот пилот доби високи оценки и од сојузниците во НАТО. Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур упати официјални честитки до Романија, нагласувајќи дека за успешно гаѓање на дрон од авион Ф-16 е потребно истовремено исполнување на низа сложени услови.
Претходно, естонскиот министер Певкур изјави дека во моментов е во тек воена операција за пронаоѓање на остатоците од дронот на естонска територија. Тој напомена дека беспилотното летало најверојатно е од украинско потекло и дека не било насочено кон цели во Естонија. Певкур притоа потсети дека Естонија во ниту еден случај не дозволува нејзиниот воздушен простор да се користи за воени напади.






