Европјаните купиле 70 отсто од ракетите што Украина ги користи за американските одбранбени системи „Патриот“

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во Брисел дека Иницијативата ПУРЛ, која предвидува купување на американско оружје за Украина со пари од нејзините европски сојузници, испорачала 70 отсто од ракетите за системите „Патриот“ што таа ги користи.

Ова го пренесе сервисот на Радио Слободна Европа на украински јазик, истакнувајќи дека Руте ја нагласил потребата од долгорочна и постојана поддршка за Украина.

– Од нејзиното лансирање минатото лето, Иницијативата ПУРЛ (Prioritised Ukraine Requirements List – Список на приоритетни потреби на Украина) испорача околу 70 проценти од сите ракети за главните системи „Патриот“ во Украина, вклучувајќи ги и PAC-3, како и 90 проценти од муницијата што се користи во другите системи за противвоздушна одбрана – изјави Руте.

За помошта за Украина, министрите за надворешни работи на НАТО ќе разговараат утре и в петок на состанокот во Шведска, каде што ќе присуствува и министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, а истата тема ќе биде приоритет и на самитот на НАТО во Турција, нагласи Руте.

Тој порача дека „безбедноста на Украина е директно поврзана со нашата сопствена безбедност“.

Сепак, Руте изрази сомнеж дека ќе добие поддршка за неговиот предлог сојузничките држави да потрошат четвртина процент од БДП за помош на Украина.

Тој објасни дека тоа го предложил за да може товарот на поддршката за Украина поправедно да се подели меѓу сојузничките земји, бидејќи кај редовните придонесувачи во иницијативата ПУРЛ расте незадоволството поради тоа што други земји не се приклучуваат на нивната група.

– Холандија, како и Германија, Данска, Шведска, Норвешка, Канада и други држави, ефикасно ја вршат тешката работа за ПУРЛ – истакна Руте.

Претходно, министерот за одбрана на Украина, Михаило Федоров, изјави дека за време на состанокот во Рамштајн неколку земји најавиле дополнителни придонеси за програмата ПУРЛ: Белгија, Норвешка, Бугарија, Литванија и Естонија.

Речиси 5,5 милијарди долари се ангажирани преку ПУРЛ, а целното барање за финансирање е 15 милијарди долари за целата 2026 година. Финансиски учествуваат околу две третини од државите – членки на НАТО (25 од вкупно 34) и три партнерски земји кои не се членки на НАТО: Канада, Австралија и Нов Зеланд.

Back to top button
Close