Претседателот на Куба: Обвинението против Раул Кастро е политички маневар без правна основа

Претседателот на Куба, Мигел Дијаз-Канел, денеска од Буенос Аирес оцени дека обвинението против поранешниот претседател на Куба, Раул Кастро, кое беше покренато во САД, само ја открива „ароганцијата и фрустрацијата што претставниците на империјата ја чувствуваат кон непоколебливата одлучност на Кубанската револуција и кон единството и моралната сила на нејзиното раководство“.

Дијаз-Канел на својот профил на Х наведе дека станува збор за политички маневар лишен од правна основа, кој служи за да се оправда „лудоста на воената агресија“ врз Куба.

„Многу добро знаат, со оглед на изобилството документирани докази, дека не беше преземена никаква непретпазлива акција ниту пак беше прекршено меѓународното право, како што американските воени сили навистина правеа со своите ладно пресметани и отворено објавени вонсудски егзекуции на цивилни бродови на Карибите и Пацификот“, напиша Дијаз-Канел, алудирајќи на инцидентот од 1996 година, кога беа соборени американски цивилни авиони со кои управуваа кубански бегалци.

Тој истакна дека Куба тогаш делувала во легитимна самоодбрана во рамките на своите јурисдикциски води, по повеќекратните и опасни кршења на воздушниот простор на Куба „од страна на озлогласени тероисти“.

„За тој факт тогашната американска администрација беше предупредена во повеќе од десетина наврати, но ги игнорираше предупредувањата и дозволи тие кршења да продолжат“, наведе Дијаз-Канел.

Тој го опиша Раул Кастро како герилски командант и државник кој „ја заслужи љубовта на својот народ“.

Претходно денеска, САД покренаа обвинение против Кастро, а неименуван висок функционер од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека обвинението е поврзано со инцидентот од 1996 година.

Во февруари 1996 година, три мали цивилни авиони полетаа од аеродром во близина на Мајами, во организација на група кубански иселеници која трагаше по лица кои се обидуваат да ја напуштат Куба со импровизирани пловила.

Кубанските сили соборија два авиони, а во инцидентот загинаа четири лица.

Кастро во тоа време беше министер за одбрана.

Back to top button
Close