Државјанин на Македонија уапсен во Германија, учествувал во грабеж на 93 годишен маж кој од малтретирањето починал

Триесет и шестгодишен државјанин на Македонија е уапсен во Салцбург под сомнение дека учествувал во брутален грабеж во Германија, по кој починал 93-годишен маж. Осомничениот бил баран со европска потерница, а по апсењето е пренесен во затворот во Пух-Урштајн, во близина на Салцбург.
Според австриската полиција, апсењето било извршено во населбата Елизабет-Форштат, во близина на железничката станица. Истражителите наведуваат дека жртвата починала од тешките повреди здобиени при нападот.
Иако германските и австриските власти официјално не потврдуваат дека станува збор за истиот случај, повеќе детали упатуваат дека осомничениот е поврзан со грабежот што се случи за време на првиот мајски викенд во Келн.
Тогаш, непознати сторители провалиле во бунгалов на 93-годишен маж, физички го нападнале, а потоа го пребарале домот и избегале со пленот. На 3 мај, неговите деца го пронашле мртов во куќата. Обдукцијата покажала дека починал од тешки телесни повреди.
Германската полиција претходно уапси двајца осомничени – 30-годишник и 59-годишник, додека по трет осомничен, 36-годишен маж, сè уште се трагаше.
По апсењето во Австрија, во тек се дополнителни истраги и координација со германското правосудство околу можната екстрадиција на осомничениот.






