Украинскиот Генералштаб соопшти дека е гаѓан штабот на „Рубикон“ во Луганската област, а не цивилни објекти


Генералштабот на Вооружените сили на Украина денеска соопшти дека руските медиуми шират „манипулативни информации“ оти Украина наводно во текот на изминатата ноќ гаѓала цивилни објекти на територијата на окупираната Луганска област, а во соопштението се нагласува дека цел на тој напад бил еден од штабовите на руската специјална единица „Рубикон“.

„Руските медиуми активно шират манипулативни информации за наводната штета што Вооружените сили на Украина ја нанеле врз објекти на цивилната инфраструктура на привремено окупираната територија на Украина. Ве известуваме дека Вооружените сили на Украина нанесуваат штета на воената инфраструктура и на објектите што се користат за воени цели, строго придржувајќи се до нормите на меѓународното хуманитарно право, законите и обичаите на војувањето“, наведува Генералштабот на Вооружените сили на Украина во објава на Фејсбук.

Во соопштението се вели дека во текот на изминатата ноќ цел на украинските напади биле низа објекти на руска територија, вклучувајќи рафинерија за нафта, складишта за муниција, системи за противвоздушна одбрана, командни пунктови и непријателска жива сила, вклучувајќи го и еден од штабовите на единицата „Рубикон“ во областа на градот Старобилск, во Луганската област која е под контрола на Русија.

Генералштабот наведе дека „Рубикон“ е дел од руска воена специјална единица, Центар за напредни беспилотни технологии, чии претставници редовно напаѓаат цивили и цивилни објекти на територијата на Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска дека власта во Киев во текот на изминатата ноќ извела „терористички напад врз интернатот на Старобелската педагошка школа“ во Луганската Народна Република (ЛНР). Тој кажа дека во близина на образовната установа немало воени објекти, како и дека нападот бил „изведен во три бранови“, со 16 дронови, нагласувајќи дека тој напад не бил случаен.

Back to top button
Close