Најстудено утрово на Попова Шапка: Следува нестабилно време со дожд, грмежи и можност за невреме

Најниска утринска температура денеска е измерена на Попова Шапка, каде се регистрирани само 7 степени Целзиусови. По неа следуваат Крушево, Маврови Анови и Лазарополе со 10 степени.
Во изминатите 24 часа најмногу врнежи се измерени на Попова Шапка со 4 литри на метар квадратен, додека по 2 литри се регистрирани во Скопје-Петровец и Маврови Анови.
Според прогнозата, времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. На повеќе места се очекува нестабилно време проследено со пороен дожд, грмежи и засилен северен ветер со брзина над 50 километри на час.
Локално се очекуваат и поинтензивни временски процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер над 60 километри на час и услови за изолирана појава на град.
Максималната дневна температура низ земјава ќе се движи од 20 до 28 степени Целзиусови.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а попладне во делови од котлината се најавуваат пороен дожд, грмежи и засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 25 степени.
Извор: skopje1.mk






