Обновена авионската линија меѓу Србија и Канада по повеќе од три децении

Ер Србија денеска воведе директни летови меѓу Белград и Торонто, со што по 34 години повторно е воспоставена авионска врска меѓу Србија и Канада.

Летовите меѓу Белград и Торонто ќе се реализираат двапати неделно, во среда и сабота, со авиони Ербас А330-200 од флотата на српската национална авиокомпанија.

Свеченото испраќање на инаугурацискиот лет го проследија и министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, министерката за градежништво и инфраструктура Александра Софронијевиќ, министерот за туризам и млади Хусеин Мемиќ, директорката на Туристичката организација на Србија Марија Лабовиќ, претставници на Амбасадата на Канада, Ер Србија, како и официјални маскоти на Експо 2027.

Генералниот директор на Ер Србија, Јиржи Марек, изјави дека повторното воспоставување на директната линија претставува значаен стратешки чекор за компанијата и дополнително го зајакнува присуството во Северна Америка, заедно со Њујорк и Чикаго.

Тој додаде дека новата линија има големо значење за српската дијаспора во Канада и дека ќе придонесе за развој на деловните и туристичките врски меѓу двете земји.

Амбасадорката на Канада во Србија, Мишел Камерон, истакна дека директната авионска поврзаност ќе ја зајакне економската соработка, трговијата и институционалните односи меѓу двете земји.

Од Ер Србија соопштија дека постои голем интерес кај патниците и добра пополнетост на летовите, што, како што наведуваат, потврдува дека станува збор за важна стратешка одлука за понатамошно поврзување на Србија со Северна Америка.

Извор: skopje1.mk 

Back to top button
Close