Лавров: Во Евроазија веќе беснее војна, Западот се обидува да ја ослаби Русија

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека во Евроазија веќе е во тек „војна во полн ек“, оценувајќи дека локални конфликти се шират во различни делови од светот.

Според неговите зборови, конфликтот во Украина е дел од поширока геополитичка конфронтација, за која тој го обвини Западот дека ја „оркестрирал агресијата“ со цел да ја ослаби Русија и да ја истисне од редовите на клучните глобални играчи. Лавров додаде дека се одвиваат и операции во регионот на Персискиот залив и Ормускиот теснец, како и дека има зголемени тензии во Јужна и Источна Азија.

Тој предупреди и на конфликти во други региони, вклучувајќи ја Латинска Америка, за која рече дека ситуацијата не се приближува кон смирување.

Лавров истакна дека Западот се обидува да ги оддалечи руските сојузници и да ги вовлече соседните држави во „антируската логика“, наведувајќи ги Грузија, Молдавија, Украина и Јерменија како примери.

Според него, целта на ваквите процеси е да се отежне позицијата на Русија на глобалната сцена и да се спречи нејзиното зајакнување како „голема сила и цивилизација“.

Тој додаде дека руската дипломатија има задача да создаде услови за успешно спроведување на целите на таканаречената „специјална воена операција“, нагласувајќи дека и сојузниците и противниците на Русија внимателно ги следат случувањата, објави Скопје1.мк.

Back to top button
Close