Опожарен втор центар за лекување ебола во ДР Конго, 18 пациенти побегнаа

Разгневени жители на град во центарот на жариштето на ебола во источниот дел на Демократска Република Конго нападнале и запалиле шатор во здравствен центар каде што се лекувале заразени со вирусот, соопшти медицинскиот персонал. Ова е втор ваков напад во регионот во рок од една недела.
Според првичните информации, во нападот нема повредени. Пациентите успеале да избегаат од пожарот, а најмалку 18 лица за кои се сомнева дека се заразени со ебола го напуштиле објектот и нивната моментална локација не е позната, изјави директорот на локалната болница.
Разгневените жители синоќа пристигнале пред клиниката во градот Монгбвалу и запалиле шатор поставен од организацијата „Лекари без граници“за згрижување на сомнителни и потврдени случаи на ебола, прецизираше директорот на болницата во Монгбвалу, д-р Ричард Локуди.
– Категорично ги осудуваме овие постапки бидејќи предизвикаа паника кај персоналот, а како последица на тоа 18 сомнителни заразени лица избегаа меѓу населението – изјави тој.
Во четвртокот, друг центар за лекување во градот Рвампаре беше запален откако семејството на локален жител, кој починал по сомнително заразување со ебола, не добило дозвола да го преземе телото.
Телата на починатите од ебола можат да бидат високо заразни и да доведат до дополнително ширење на инфекцијата додека блиските ги подготвуваат за погреб или се собираат на погребните церемонии. Ризичната задача за погребување на сомнителните жртви на болеста, секаде каде што е можно, ја преземаат властите, што често предизвикува протести кај семејствата и кај пријателите.
Денеска во Рвампаре беше извршено масовно погребување на пациенти заболени од ебола под засилени безбедносни мерки поради растечките тензии меѓу здравствените работници и локалната заедница, изјави Дејвид Базима, водач на тимот на Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина, задолжен за погребите.
Во текот на погребите беа распоредени вооружени војници и полиција, додека припадници на Црвениот крст, облечени во бели заштитни одела, ги спуштаа запечатените ковчези во земја.
Властите во североисточниот дел на земјата вчера забранија погребни бдеења и собирања на повеќе од 50 лица на едно место, во обид да се ограничи ширењето на заразата.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека вирусот сега претставува „многу висок ризик“ за ДР Конго, што е зголемување во однос на претходната категоризација како „висок ризик“. Опасноста од глобално ширење, сепак, останува ниска.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреисус, вчера изјави дека се потврдени 82 случаи на заразени и седум смртни случаи, но се претпоставува оти жариштето е „многу поголемо“.
Во меѓувреме, Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина во Женева, како што пренесува ДПА, соопшти дека е можно епидемијата на ебола да започнала порано отколку што се претпоставуваше досега.
Се смета дека тројца волонтери на Црвениот крст се заразиле уште на 27 март, кога биле во контакт со тела на починати во провинцијата Итури во ДР Конго.
Тие работеле во рамки на друга хуманитарна мисија пред да стане познато дека се шири вирусот на ебола. Тројцата починале во периодот меѓу 5 и 16 мај.
Досега, најраниот познат случај на заразен од актуелното жариште бил локален жител чие лекување започнало на 24 април, а кој починал три дена подоцна.






