Близу 200 илјади присутни на синоќешниот митинг во Белград, втор најголем по падот на Милошевиќ

Организацијата „Архива на јавни собири“, која го евидентира бројот на присутни на собири објави дека на синоќешниот протест„Ти и јас, Славија, затоа што студентите победуваат“ имало помеѓу 180 000 и 190 000 присутни.
Како што се наведува во нивната објава на Икс, проценката се базира на измерената површина од 107 илјади квадратни метри и коефициентот на просечна густина од 1,7 лица на квадрат.
Според нив, станува збор за втор најголем протест во Србија од падот на Слободан Милошевиќ.
Од организацијата, вчера, по завршување на протестот рекоа дека снимките покажуваат оти тој ќе биде во рангот на најголемите студентски собири досега, но сепак додадоа дека процената на „масата од над 100 000 луѓе е тешка и нема да ги објавиме податоците вечерва“.
Наспроти нивните проценки, вчера, српскиот министер за внатрешни работи Драган Васиљевиќ, рече дека на протестот на „Славија“ присуствувале 34 300 граѓани.
Истата проценка денеска во одговор на новинарско прашање ја кажа и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој изјави дека три служби дале проценка за собраните демонстранти синоќа и оти тие се движеле од 30 500 до 34 300 илјади
„Ние ја прифативме највисоката проценка, иако прецизните податоци покажуваат дека имало нешто помалку од 34 илјади присутни“, рече Вучиќ.






