Рамковниот договор меѓу САД и Иран предвидува рок од 60 дена

Рамковниот договор меѓу САД и Иран предвидува рок од 60 дена за постигнување конечен договор, според кој Иран не би поседувал нуклеарно оружје и би се откажал од резервите на збогатен ураниум, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на американски претставник.

Телевизијата, повикувајќи се на неименуван висок претставник на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, наведува дека рамковниот договор меѓу САД и Иран предвидува 60-дневен рок за утврдување на конечните точки на спогодбата.

Според изворот, можниот договор предвидува Иран да не поседува нуклеарно оружје и да се откаже од резервите на збогатен ураниум, но начинот на кој тие резерви ќе бидат преземени ќе биде една од темите во следната фаза од преговорите.

Тој додал дека рамковниот договор предвидува и отворање на Ормуска Теснина, така што таа да биде „деминирана“ и безбедна за пловидба, но не прецизира според каков модел теснината ќе функционира во иднина.

„Важен дел од рамковниот договор предвидува дека, ако Иран не ги исполни своите обврски, нема да добие ништо. Ако нема ураниум, нема да има ни пари. Како што теснината повторно ќе се отвора, така американската блокада пропорционално ќе се ублажува“, изјавил претставникот.

Претходно, Ал Џезира објави дека САД се премислуваат околу две клучни прашања во рамките на преговорите со Иран – механизмот за одмрзнување на иранските средства и обемот на прекинот на огнот во Либан.

Според изворот, Техеран ги известил посредниците дека нема да потпише таков договор, додавајќи дека Иран има впечаток оти Вашингтон се повлекува од претходните меѓусебни договори.

Трамп претходно изјави дека САД се стремат кон „добар и соодветен договор“ со Иран. Тој оцени дека преговорите за нуклеарната програма се одвиваат „уредно и конструктивно“ и порача дека нема да има брзање во постигнувањето договор.

„Преговорите се одвиваат уредно и конструктивно и им наложив на моите претставници да не брзаат, бидејќи времето е на наша страна“, навел Трамп.Повикајќи се на висок претставник на администрацијата на Трамп, Ен-Би-Си денеска објави дека договор меѓу САД и Иран нема да биде постигнат денеска

Back to top button
Close