Рубио го критикува повикот на Хезболах за бунт против либанската влада

Американскиот државен секретар Марко Рубио остро го критикуваше лидерот на исламистичката милиција Хезболах поради изјавата дека либанскиот народ има право да крене бунт против владата.
Генералниот секретар на Хезболах, Наим Касем, синоќа ја обвини владата дека не успеала да ја одбрани земјата во нејзиниот конфликт со Израел.
– Народот има право да излезе на улиците и да ја собори владата. Ако оваа влада не е способна да воспостави суверенитет, тогаш треба да си замине – рече Касем во телевизиско обраќање.
Рубио изјави дека коментарите на Касем покажуваат дека Хезболах се обидува да го вовлече Либан „назад во хаос и уништување“.
– Нема да дозволиме заканите за насилство од страна на Хезболах да преовладаат – рече Рубио во соопштение.
Касем ја опиша либанската влада како „американско-израелски проект насочен против институциите на земјата“.
Тој ги отфрли повторените повици за разоружување на движењето Хезболах, кое е поддржано од Иран.
– Ќе го задржиме оружјето во наши раце сè додека либанската држава не биде способна да ја исполни својата должност во заштитата и зачувувањето на Либан, неговиот народ и неговите ресурси – рече тој, според телевизискиот канал Ал-Манар на Хезболах.
Либан и Израел водат директни политички разговори од средината на април, со посредство на САД во Вашингтон. Разоружувањето на Хезболах е централно прашање во преговорите, иако самата група не учествува во нив.
Аналитичарите и политичките набљудувачи предупредија дека секој обид за насилно разоружување на Хезболах би можел да го вовлече Либан во уште една голема криза. Некои стравуваат од повторување на настаните од мај 2008 година, кога избувнаа судири во Бејрут откако владата се обиде да ја демонтира телекомуникациската мрежа на Хезболах.
Во борбите меѓу поддржувачите на Хезболах и провладините фракции тогаш загинаа десетици луѓе, потсетува ДПА.






