Лавров со порака до САД: Итно евакуирајте ја амбасадата во Киев пред новите руски напади

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, побарал од САД да ја евакуираат својата амбасада во Киев, за време на телефонски разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Според соопштението, Лавров се повикал на претходната препорака на Москва упатена до САД и другите држави кои имаат дипломатски мисии во украинската престолнина, да преземат мерки за евакуација на дипломатскиот персонал и своите државјани од Киев.
Русија претходно во текот на денот ги повика странските државјани да го напуштат Киев пред, како што наведе, „серија систематски напади“ врз цели во главниот град на Украина. Ова следува по едно од најсилните бомбардирања на Киев од почетокот на војната.
Од руското Министерство за надворешни работи тврдат дека нападите се одговор на, како што наведуваат, намерен напад со дрон врз студентски дом во регионот Луганск, кој е под руска контрола.
Украинската армија ги отфрли руските обвинувања и соопшти дека цел на нападот била елитна командна единица за дронови во таа област, а не студентски дом.






