НАСА откри детали за базата на Месечината до 2032 година

НАСА објави нови детали за роботските лендери, беспилотните летала и возилата што планира да ги испрати на Месечината како дел од изградбата на постојана лунарна база.

Меѓу компаниите избрани за развој на технологијата е и Блу ориџин, вселенската компанија на Џеф Безос, објави Би-би-си њуз.

Соединетите Американски Држави сакаат повторно да испратат астронаути на Месечината пред крајот на мандатот на Доналд Трамп во 2028 година, додека паралелно трае и трката со Кина за враќање на луѓе на површината на Месечината.

Кина, пак, продолжува со својата програма и неодамна го лансираше вселенското летало Шенжоу-23 кон вселенската станица Тиангонг.

Во март, НАСА претстави програма вредна 20 милијарди долари за изградба на постојана база на јужниот пол на Месечината до 2032 година, која би користела нуклеарна и сончева енергија.

Администраторот на НАСА, Џаред Исакман, изјави дека целта е САД „никогаш повеќе да не ја напуштат Месечината“.

Според планот, прво ќе бидат испратени роботски лендери и беспилотни летала за мапирање на теренот, а потоа и специјални возила за транспорт на астронаути и научна опрема.

Договори за изградба на лунарните возила добиле компании како Блу ориџин, Интуитив машинс и Астроботик.

Лендерот „Ендуранс“ на „Блу ориџин“ треба да овозможи прецизни слетувања и автономна навигација, додека лендерот „Грифин-1“ на „Астроботик“ се очекува да слета во кратерот Нобиле во близина на јужниот пол на Месечината.

НАСА планира до 2029 година да реализира 25 лансирања и да испорача околу четири метрички тони товар на Месечината, изјави Карлос Гарсија-Галан.

Во следната фаза се предвидува изградба на нуклеарни и соларни енергетски системи, а до 2032 година агенцијата сака да овозможи луѓето да живеат во полутрајни живеалишта на Месечината.

Сепак, дел од научниците сметаат дека роковите се премногу амбициозни. Лунарниот научник Симеон Барбер предупредува дека главен проблем останува развојот на сигурно летало за слетување на астронаути.

Таа задача моментално ја има Спејс екс на Илон Маск, но проектот веќе се соочува со одложувања и технички предизвици.

Back to top button
Close