ТОТАЛНО ФИЈАСКО: Празен е фондот на Трамп за Газа!

Советот за мир на претседателот на САД, Доналд Трамп, нема пари во својот официјален фонд за обнова на Газа, и покрај тоа што земјите-членки ветуваа милијарди долари, откри денеска извор запознаен со работата на советот за новинската агенција АФП, објави Euronews.
Трамп го создаде советот за да ја координира реконструкцијата на Газа откако Израел и Хамас се согласија на примирје со посредство на САД во октомври, со кое заврши разорната двегодишна војна. Сепак, иницијативата предизвика збунетост поради поканите упатени, меѓу другите, до рускиот претседател Владимир Путин и земјите кои традиционално не се вклучени во блискоисточната дипломатија.
Откако е основан советот, неговиот фонд, управуван од Светската банка и одобрен од Обединетите нации, не добил никакви средства од донатори. Изворот наведува дека парите не се депонирани бидејќи фондот е наменет за фазата на реконструкција и развој, која сè уште не е постигната.
И покрај прекинот на огнот, израелските воени операции во Газа продолжуваат. Според Министерството за здравство во областа, најмалку 910 луѓе се убиени од потпишувањето на прекинот на огнот. Израел сè уште ја задржува контролата врз повеќе од 60 проценти од Појасот Газа, вклучувајќи ги сите влезни и излезни точки, додека населението е концентрирано на брегот.
Фајненшл тајмс објави дека советот прима донации директно на сметка во банката Џеј Пи Морган, повикувајќи се на изјава од портпарол на советот. ФТ забележува дека „нема независни барања за транспарентност“ за таа сметка.
Советот несомнено го водат САД, но и самиот Трамп, кој го има последниот збор и може да остане на чело дури и по завршувањето на неговиот претседателски мандат.
Трамп претходно објави дека САД ќе придонесат со 10 милијарди долари во советот, додека Катар, Саудиска Арабија и ОАЕ ветија најмалку по милијарда долари. Според статутот на советот, членовите се должни да платат милијарда долари за постојано место.
Заедничката проценка на ЕУ и ОН, објавена во април, покажа дека за обновата на Газа во следната деценија ќе бидат потребни повеќе од 71 милијарда долари.






