(ВИДЕО) Возење на едно тркало и со прекумерна брзина на паркингот на „Охрид Мол“
„Охрид Мол“ преку објава на социјалните мрежи информираше дека во изминатиот период биле забележани повеќе случаи на несовесно и опасно управување со мотори во рамките на паркинг-просторот на трговскиот центар.
Според нив, станува збор за возење со прекумерна брзина, возење на едно тркало, изведување ризични маневри и паркирање на несоодветни места, со што, како што наведуваат, директно се загрозува безбедноста на посетителите, закупците и вработените.
Од трговскиот центар посочуваат дека сите вакви инциденти биле евидентирани преку системот за видеонадзор и безбедносните камери.
„Сите вакви инциденти се евидентирани преку системот за видеонадзор и безбедносните камери на трговскиот центар и ќе бидат доставени до надлежните институции за понатамошно постапување, со цел соодветно санкционирање“, се наведува во објавата.
Од „Охрид Мол“ упатија апел за почитување на правилата и одговорно однесување со цел зачувување на безбедноста во просторот околу трговскиот центар.






