Австралија го продолжи карантинот за патниците од крузер со хантавирус
Австралискиот министер за здравство Марк Батлер изјави дека карантинот за патниците кои биле вратени во земјата од крузерот „Хондиус“, на кој се појавил хантавирус, ќе биде продолжен на вкупно 42 дена.

„Патниците се известени за препораките и одлуката на владата. Мило ми е што можам да кажам дека и натаму се чувствуваат добро“, изјавил Батлер.
Тој додал дека карантинот ќе трае до 23 јуни.
Во објект во близина на Перт, во државата Западна Австралија, од 15 мај во карантин се наоѓаат четворица австралиски државјани, еден постојан жител на Австралија и еден жител на Нов Зеланд.
Првично било предвидено тие да останат изолирани до 5 јуни, но карантинот бил продолжен по совет на здравствените власти.
На холандскиот крузер „Хондиус“ во април била идентификувана епидемија на хантавирус, а досега се потврдени 13 случаи на инфекција директно поврзани со бродот.
Досега се регистрирани три смртни случаи меѓу патниците, а до 11 мај сите патници биле евакуирани од бродот и вратени во своите матични земји на карантин.
Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, претходно изјави дека од 2 мај нема нови смртни случаи поврзани со хантавирусот. објави Скопје1.мк






