Калас: Русија е во дефанзива, динамиката на војната е во корист на Украина
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денеска изјави дека Русија е во дефанзива во војната со Украина и дека состојбата на војната се менува во корист на Украина.
„Динамиката на војната се менува во корист на Украина. Русија е во дефанзива, воено, економски и дипломатски. Но, како што покажуваат најновите напади врз Киев, Русија сè уште не покажува вистински интерес за мир“, рече Калас на прес-конференција по неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ на Кипар.
Таа додаде дека ЕУ работи на нов пакет санкции против Русија, додавајќи дека Европа нема да биде неутрален посредник меѓу Русија и Украина, бидејќи е на страната на Украина и ги брани нејзините основни безбедносни интереси.
Калас рече дека министрите се согласиле дека предуслов за мировни разговори е безусловно прекинување на огнот и дека Русија мора да престане со саботажи, кибер напади, мешање во избори и упади во воздушниот простор на Европа.
„Постојат и пошироки безбедносни прашања. Кога го разгледуваме присуството на руски трупи во земји како Грузија и Молдавија, во интерес на Европа е тие сили повеќе да не бидат стационирани таму“, рече Калас.
Таа рече дека „не може да има правно признавање на окупираната украинска територија“.
Калас оцени дека премногу земји продолжуваат да соработуваат со Русија, а во исто време уживаат привилегиран пристап до европскиот пазар и инвестиции, и дека Европа мора поефикасно да го користи своето влијание во областите на трговија, инвестиции, пристап до пазарот и партнерство






