Нетанјаху ѝ нареди на армијата да преземе контрола врз 70 отсто од Газа


Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, денес изјави дека ѝ наредил на израелската армија да преземе контрола врз 70 проценти од територијата на Газа, објави CNN.

Нетанјаху рече дека Израел ја стега јамката околу Хамас. „Сега држиме 60 проценти од територијата на Појасот Газа. Бевме на 50 проценти, а сега се префрливме на 60 проценти“, рече тој. „Мојата директива е да одиме понатаму – чекор по чекор – прво до 70 проценти. Да почнеме со тоа.“

Дури кон крајот на април, Израелските одбранбени сили (ИДФ) дистрибуираа мапи до меѓународните групи за помош кои покажуваат дека војската контролира околу 64 проценти од Газа. Преземањето на поголемиот дел од Газа би принудило околу два милиони Палестинци да живеат во сè помала област од опустошената крајбрежна енклава.

Според договорот за прекин на огнот од октомври 2025 година меѓу Израел и Хамас, израелските сили се повлекоа до линијата за демаркација позната како „жолта линија“, која покриваше околу 53 проценти од Газа.

Хамас го обвини Израел во вторникот за поместување на линијата. Тие изјавија дека потегот „претставува јасно и трајно поткопување на договорот за прекин на огнот, сериозно кршење на неговите услови и јасен обид за наметнување нова состојба на теренот со сила, со цел консолидирање на воената контрола врз Појасот и поткопување на секоја реална шанса за стабилизација или успех на напорите за де ескалација на тензиите“.

Back to top button
Close