Мисијата на Израел при ОН ги прекина контактите со генералниот секретар Гутереш

Израелскиот претставник во Обединетите нации, Дени Данон, денеска ги прекина сите контакти со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, реагирајќи на одлуката на ОН да стави одредени ентитети од Израел на списокот на сексуални престапници во воени зони.
„Завршивме со овој генерален секретар. Одлуката Израел да се стави на црната листа и да се обвини за сексуално насилство во служба на војната е срамна. Генералниот секретар и неговиот тим продолжуваат да шират лаги против Израел. Неприфатливо е ние и терористите од Хамас да се најдеме на ист список“, напиша Данон на Х.
Мисијата на Израел соопшти дека нема да ги продолжи контактите со кабинетот на генералниот секретар сè додека Гутереш ја извршува таа функција.
Реагирајќи на ваквата одлука на израелската мисија, портпаролот на генералниот секретар, Стефан Дижарик, порача дека вратата на Антонио Гутереш е „секогаш отворена“.
ОН додадоа израелски ентитети на црната листа на земји кои вршат сексуални престапи во зони на конфликт, на која се наоѓаат и Хамас и други терористички организации, пренесува Скај Њуз. Меѓу израелските ентитети кои се додадени на списокот се и израелските затвори.
Откако една земја или вооружена група ќе биде додадена на списокот, таа останува на него најмалку една година, наведува Скај. Хамас беше додаден на списокот во август 2025 година






