Албанија го отфрли барањето за повлекување на дипломатите од Киев, го осуди и инцидентот со паднатиот дрон во Романија

Албанија го отфрли барањето на Русија, дипломатите и странските државјани да го напуштат украинскиот главен град Киев. Во исто време го осуди инцидентот со паднатиот руски дрон во Романија и ја на нагласи континуираната поддршка за Украина.
Министерот за Европа и надворешни работи (МЕНР), Ферит Хоџа ова известување од Русија го оцени како „целосно неприфатливо“ и порача дека Албанија нема да се повлече.
„Албанија го смета известувањето на Русија, со кое се повикува дипломатскиот персонал и странските државјани да го напуштат Киев пред планираните напади, за целосно неприфатливо. Заканите кон амбасадите не се дипломатија, туку заплашување. Тоа претставува уште едно кршење на меѓународното право и Виенската конвенција за дипломатски односи. Албанија нема да се повлече“, напиша Хоџа на мрежата Икс.

Според него, Албанија ќе продолжи да ја поддржува Украина, а таквиот став му бил пренесен и на рускиот амбасадор во Тирана, Алексеј Зајцев.
Шефот на албанската дипломатија оцени дека одговорот на војната меѓу Русија и Украина не може да биде „повеќе војна, повеќе злосторства или неселективни напади врз цивили и цивилна инфраструктура“.
Единствениот пат напред, според него, е завршување на војната преку вистински и добронамерни мировни преговори.
На 24 мај Русија лансираше стотици ракети и дронови кон Киев. Меѓу погодените објекти и оној каде што е резиденцијата на албанскиот амбасадор во Украина, Ернал Фило, по што во МЕНР беше повикан амбасадорот Зајцев, кому му беше врачена протестна нота.
МЕНР реагираше и во врска со дронот кој падна на Романија. Во соопштението се осудува нападот изразувајќи „целосна солидарност со Романија и нејзиниот народ”.






