Најмалку 11 загинати во израелски напади на југот на Либан

Најмалку 11 лица загинаа, а осум се повредени во серијата израелски воздушни напади врз три населени места во регионот Тир, на југот на Либан, соопшти либанското Министерство за здравство.

Меѓу загинатите има спасувач и сириски државјанин, додека бројот на жртви може дополнително да се зголеми поради обемот на разурнувањата предизвикани од нападите.

По нападите, либанското Министерство за здравство остро реагираше, оценувајќи дека станува збор за „флагрантно кршење на меѓународното хуманитарно право“ и покрај примирјето кое, според официјален Бејрут, е во сила од 17 април. Израелските власти, пак, тврдат дека цел на операциите биле позиции и инфраструктура поврзани со движењето Хезболах.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека израелската армија продолжила да напредува подлабоко на либанска територија, паралелно со интензивирањето на воздушните напади.

Во меѓувреме, израелската војска издаде наредби за евакуација на повеќе села во јужен Либан и соопшти дека извела напади врз повеќе од 30 локации. Дел од целите се наоѓале во близина на античкиот град Тир, кој е едно од најзначајните историски и културни наследства во регионот.

Хезболах, од своја страна, презеде одговорност за нов бран напади врз воени цели во северниот дел на Израел, во близина на либанската граница, што дополнително ја зголемува опасноста од поширока регионална ескалација.

Загриженост поради последните борби изрази и либанскиот министер за култура Гасан Саламе, кој предупреди дека израелските напади сериозно ги загрозуваат археолошките локалитети на југот на земјата. Според него, меѓу најризичните места се древните урнатини на Тир, кои се наоѓаат на листата на светско наследство на УНЕСКО, како и средновековната тврдина Бофор.

Продолжувањето на судирите ја продлабочува безбедносната и хуманитарната криза во пограничниот регион, додека меѓународната заедница сè почесто повикува на почитување на примирјето и спречување на натамошна ескалација на конфликтот, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close