На Малта се одржуваат парламентарни избори, владејачката партија очекува победа

На Малта денеска се одржуваат парламентарни избори на кои, според предизборните анкети, владејачката Лабуристичка партија има реални изгледи да обезбеди уште еден убедлив мандат и да остане на власт четврти последователен пат.

Премиерот Роберт Абела распиша вонредни избори четири години по почетокот на актуелниот мандат, образложувајќи дека земјата се соочува со нови предизвици што произлегуваат од неизвесната меѓународна состојба и бараат стабилно политичко раководство.

Анкетите во текот на кампањата покажуваа значителна предност на Лабуристичката партија, која победи и на изборите во 2013, 2017 и 2022 година. Иако на гласачкото ливче се наоѓаат шест политички партии, политичката сцена на Малта со децении е доминирана од лабуристите и опозициската центристичка Националистичка партија, кои се единствените парламентарни партии уште од 1966 година.

Во изборната кампања Абела се потпираше на економските резултати на неговата влада, нагласувајќи стабилност, раст и континуитет. Од друга страна, лидерот на Националистичката партија, Алекс Борг, тврдеше дека економскиот раст не се одразил доволно врз животниот стандард на граѓаните.

Едно од клучните прашања во кампањата беше и големиот прилив на странски работници во изминатата деценија, што отвори дебата за растот на кириите, како и за притисокот врз инфраструктурата и здравствениот систем.

Првите официјални резултати од изборите се очекуваат во недела околу пладне, објави Скопје1.мк.

Back to top button
Close