Шесте најголеми економии на ЕУ постигнаа договор за реформа на финансискиот надзор

Министрите за финансии на шесте најголеми економии во Европската Унија постигнаа заеднички договор за предлогот со кој треба да се зајакне надзорот врз европските пазари на капитал и да се продлабочи финансиската интеграција во Унијата.
Договорот бил постигнат на состанок во Берлин меѓу министрите за финансии на Германија, Франција, Италија, Шпанија, Полска и Холандија. Станува збор за иницијатива на Европската комисија со која дел од надлежностите што моментално ги имаат националните регулатори би биле префрлени на Европската агенција за хартии од вредност и пазари (ЕСМА), чие седиште се наоѓа во Париз.
Според германското Министерство за финансии, целта на реформата е да се подобри конкурентноста на Европската Унија во услови на забавен економски раст и засилена конкуренција од Соединетите Американски Држави и Кина.
Од Берлин оценуваат дека во актуелните геополитички околности зајакнувањето на европскиот суверенитет, конкурентност и отпорност е поважно од кога било досега. Германските власти сметаат дека постигнатиот договор претставува значаен чекор кон создавање вистинска унија на пазари на капитал во рамките на ЕУ.
Шесте најголеми економии ја поддржале идејата за намалување на административните и регулаторните пречки за прекуграничните инвестиции, додека ЕСМА би добила поголеми овластувања за надзор над најважните сегменти на европскиот финансиски пазар.
За реформата да стапи во сила, ќе биде потребна поддршка од сите 27 земји-членки на Европската Унија. Германското Министерство за финансии очекува целиот пакет мерки да биде усвоен до крајот на 2026 година.
Предложените измени се дел од пошироките напори на Брисел за создавање подлабоко интегриран финансиски пазар, кој би овозможил полесен пристап до капитал за европските компании и поголема способност на Унијата да се натпреварува со водечките светски економии, објави Скопје1.мк






