САД имаат 99 тони плутониум од времето на Студената војна, Трамп сака да им го даде на приватни лица

Трамповата администрација започна преговори со неколку компании што развиваат мали модуларни нуклеарни реактори за користење на дел од американските резерви на плутониум од воен квалитет, создадени за време на Студената војна. Според пишувањето на „Франс 24“, станува збор за околу 99 тони плутониум, кој би можел да се пренамени во гориво за нови генерации реактори.
Меѓу компаниите што влегле во напредна фаза на разговори е и француско-италијанската компанија „Њуклео“, специјализирана за развој на мали нуклеарни реактори.
Американските власти со децении се обидуваат да најдат решение за огромните резерви плутониум што повеќе не се потребни за нуклеарниот арсенал. Чувањето на материјалот бара високи безбедносни мерки и значителни финансиски средства, а претходните обиди за негово претворање во енергетско гориво не дадоа резултати.
Новиот пристап на администрацијата на Доналд Трамп предвидува приватниот сектор да добие улога во решавањето на овој проблем. Планот е дел од пошироката стратегија за зајакнување на американската нуклеарна енергетика и зголемување на производството на електрична енергија, особено поради растечките потреби на индустријата за вештачка интелигенција и големите центри за обработка на податоци.
Поддржувачите на иницијативата посочуваат и на геополитичката димензија на проектот. По руската инвазија врз Украина, САД настојуваат да ја намалат зависноста од рускиот збогатен ураниум, кој со години беше важен извор на гориво за нуклеарната индустрија.
Сепак, бројни експерти предупредуваат на сериозни ризици. Тие нагласуваат дека плутониумот е една од најопасните и најтоксични супстанции создадени од човекот, а неговото транспортирање и обработка бараат исклучително строги безбедносни протоколи.
Дополнителна загриженост предизвикува можноста за злоупотреба на материјалот. Според експертите за нуклеарна безбедност, плутониумот може да се искористи за производство на нуклеарно оружје, поради што секое проширување на бројот на субјекти што ќе имаат пристап до него го зголемува ризикот од кражба, губење или нелегална употреба.
Критичарите сметаат и дека ваквиот потег испраќа погрешна порака во време кога меѓународната заедница настојува да го ограничи ширењето на нуклеарните материјали. Дополнително, тие посочуваат дека процесот на претворање на плутониумот во употребливо гориво е долг, сложен и скап, а првите резултати би можеле да се очекуваат дури по повеќе години, објави Скопје1.мк






