(Видео) Најмалку 52 загинати во вооружени пресметки пред претседателските избори во Колумбија

Најмалку 52 припадници на вооружени бунтовнички групи загинале во жестоки судири меѓу две ривалски фракции во југоисточна Колумбија, во пресрет на претседателските избори што ќе се одржат в недела.

Според информациите од една од фракциите на поранешните Револуционерни вооружени сили на Колумбија (ФАРК), судирите избувнале во департманот Гвајаре, регион познат по производството и шверцот на кокаин, каде што вооружените групи се борат за контрола врз територијата и нелегалните рути.

Колумбискиот министер за одбрана Педро Санчез потврди дека во областа се воделе борби и соопшти дека се испратени дополнителни воени сили за заштита на цивилното население. Засега властите не објавуваат официјален број на жртви.

Во пресметките учествувале фракцијата предводена од Нестор Грегорио Вера, познат како Иван Мордиско, и групата на Александар Дијаз Мендоза, познат под прекарот Каларка Кордоба. Двете организации го отфрлија мировниот договор од 2016 година, со кој илјадници припадници на ФАРК го положија оружјето, објави Скопје1.мк

Фракцијата на Дијаз Мендоза во моментов учествува во мировни преговори со владата на претседателот Густаво Петро, додека групата на Мордиско останува во вооружен конфликт со државата, откако во 2024 година беше прекинат билатералниот прекин на огнот.

Судирите се случуваат во чувствителен политички момент, непосредно пред изборите на кои граѓаните ќе го избираат наследникот на Петро. Насилството претставува дополнителен предизвик за напорите на владата да воспостави траен мир во земјата.

Иако најголемата дисидентска фракција на ФАРК претходно објави привремена суспензија на нападите врз државните безбедносни сили за време на изборниот период, таа мерка не се однесува на пресметките со други вооружени групи.

Вооружениот конфликт во Колумбија трае повеќе од шест децении и досега однесе над 450.000 животи. Финансиран главно од трговија со дрога и нелегално ископување природни ресурси, конфликтот принуди милиони луѓе да ги напуштат своите домови.

Back to top button
Close