Српска Агенција за спречување корупција: Вучиќ лани добил песна за него, портрети, часовник од осум милиони динари

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во 2025 година добил подароци во вредност од речиси 13,8 милиони динари објави српската Агенција за спречување корупција. Тие објавија список со сите подароци што ги примил лани Вучиќ.

Покрај стандардните, протоколарни подароци што Вучиќ ги добил за време на средбите со други државници, имало и интересни предмети – спортски дресови со неговото име, негови портрет, па дури и песна посветена на него.

Минатата година, Александар Вучиќ добил 130 подароци како претседател. Нивната вкупна вредност била точно 13.797.500 динари, или околу 117.500 евра. Од таа сума, Вучиќ задржал еден подарок во вредност од 5.000 динари како свој личен имот, додека сите други подароци се јавна сопственост.

Подарокот што го задржал е икона на Богородица со позлата во дрвена рамка, чија вредност е 5.000 динари. Се наведува дека причината за давањето на подарокот била „средба со претседателот на Републиката“, но не и кој го дал подарокот.

Со секој подарок се наведува само поводот, а не и кој е дарителот.

Највредниот подарок на таа листа е часовник. Имено, на 9 мај минатата година, Вучиќ доби рачен часовник „Победа-80“ од фабриката за часовници „Антон Суханов“ во Санкт Петербург, направен во ограничено издание од 80 примероци за 80-годишнината од „Големата победа“, односно Денот на победата над фашизмот. Како што е наведено во каталогот на подароци, часовникот е музејски експонат од исклучително значење.

Проценетата вредност на овој подарок е дури осум милиони динари, што е околу 68.000 евра.

Вториот вреден подарок е кожен факсимил од Мирославово евангелие во дрвена кутија со димензии 60x36x13 сантиметри, чија проценета вредност е 600.000 динари. Беше наведено дека подарокот е примен по повод „приемот кај претседателот на Републиката“, но не се познати понатамошни детали.

Медалите од Олимписките игри во Рио де Жанеиро 2016, Токио 2020 и Париз 2024 имаат малку помала вредност, 320.000 динари, во кутии со знамето на Србија и текст „Ватерполо федерацијата на Србија изразува благодарност до претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, за неговиот придонес во успехот на освојувањето на титулата трикратен олимписки шампион, декември 2024 година“. Патем, приемот кај претседателот се одржа во декември 2024 година, но документите беа предадени на протоколот на 3 јануари 2025 година.

Останатите подароци се со помала вредност. Меѓу најевтините, кои обично вредат неколку илјади динари, претежно спортски подароци – дресови и топки, но и разни религиозни предмети, разни фигури и скулптури.

Еден од најимпресивните подароци што претседателот Вучиќ ги добил лани  е испечатена песна за него, во дрвена рамка. Неговата проценета вредност е 4.000 динари. Вучиќ, исто така, за време на обиколката на општина Житораѓа, доби врамен негов портрет, во чија позадина се наоѓа знаме на Србија, проценета вредност од 8.000 динари.

Меѓу подароците има уметнички дела, како и разни предмети што потсетуваат на земјите од каде што доаѓаат, како што е играчка змија вредна 6.000 динари, која Вучиќ ја добил по повод кинеската Нова година. Вучиќ доби и портрет од американскиот претседател Доналд Трамп.

Back to top button
Close