Полска сака да им забрани на учениците до 16 години да користат мобилни телефони во училиштата

Полска сака од 1 септември да им забрани на учениците помлади од 16 години да користат мобилни телефони во училиштата, а планира и воведување построги правила за проверка на возраста при пристап до порнографски содржини на интернет, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск.
Земјите како Холандија, Јужна Кореја и Италија веќе ја забранија употребата на паметни телефони во училиштата поради загриженост дека тие негативно влијаат врз концентрацијата и однесувањето на учениците. Други држави го забранија или размислуваат за забрана на пристапот на децата до социјалните мрежи.
Предложениот закон би им забранил на децата на возраст од седум до 15 години користење мобилни телефони во училишните простории, вклучително и за време на одморите меѓу часовите, а на училиштата би им дал законска основа за воспоставување посебни места или шкафчиња за одложување на телефоните.
– Предлагаме забрана за користење мобилни телефони во основните училишта за време на наставата и одморите … Уверени сме дека родителите и наставниците треба да имаат можност да го ограничат користењето на телефоните во училиштата – рече Туск.
Тој истакна дека светот се соочува со цивилизациски проблем на зависност практично на сите луѓе, а особено на најмладите, од платформи, игри и слични содржини.
– Свесни сме дека тоа може да има катастрофални последици по животот на децата и по општеството во целина – истакна Туск.
Со посебен законски предлог, подготвен од Министерството за дигитални прашања, би се вовеле нови обврски за интернет-страниците кои нудат порнографска содржина за да се ограничи пристапот на децата до таквите содржини.
Полската влада претходно во образложението на нацрт-законот наведе дека механизмот за проверка на возраста не може да биде заснован на самостојна изјава на корисникот за годините, биометриски податоци ниту на податоци за неговите активности на интернет, туку мора да биде осмислен во согласност со барањата за заштита на приватноста и личните податоци.
Полската министерка за образование, Барбара Новацка, уште во февруари ги претстави плановите за забрана на користењето социјални мрежи за деца помлади од 15 години, со што се отвори можност за конфликт со големите американски технолошки компании.
Технолошките компании тврдат дека фокусот треба да биде ставен на начинот на користење на уредите, а не на целосните забрани, истакнувајќи дека веќе постојат родителски контроли и други таргетирани мерки за ограничување. Исто така, тие укажуваат на предностите на паметните телефони за учење, комуникација и безбедност.






