Мицкоски за Богоев: Истрагата ќе се проширува, следуваат акции и во други институции

Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека е во тек истрага поврзана со поранешниот директор на Царинската управа и поранешен градоначалник на Карпош, Стефан Богоев, при што најави дека истрагата би можела да се прошири и на други институции.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека предметот се однесува на работењето во институција со која раководел Богоев во минатото.


„Истрага е во тек. Точно е тоа за коешто вие прашувате. Станува збор за лице кое е поранешен градоначалник на општина и поранешен директор на јавна институција. Станува збор за работење во рамките на таа институција“, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека според информациите со кои располага, случајот нема да заврши само со актуелната постапка.

„Од информациите коишто јас ги имам, ова ќе се проширува. Од информациите со коишто поседувам, неколку институции во периодот што следи ќе имаат слични вакви акции за недоследности од минатото“, рече премиерот.

Според него, станува збор за случаи во кои постојат индиции наведени во ревизорски извештаи.

„Станува збор за наоди содржани во ревизорските извештаи, индиции за злоупотреба на службената положба и овластувања“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека не сака дополнително да го коментира предметот за да не влијае врз истрагата и потсети дека секој има право на презумпција на невиност.

„Тоа сѐ е на ниво на истраги. Јас верувам во невиност. Секој има можност и право да ја докаже својата невиност. Не би навлегувал во дополнителни коментари за да не го нарушам процесот“, додаде премиерот.

Back to top button
Close