ДОМ: Бараме стручна и транспарентна процедура за обновувањето на А-Дозволата за „Титан Усје” – Зелената трансформација не смее да биде параван за профит на сметка на здравјето на Скопјани!
Демократската обнова на Македонија (ДОМ) активно ја следи постапката за обнова на А-Интегриранта еколошка дозвола за цементарницата „ТИТАН Усје АД Скопје” и изразуваме сериозна загриженост околу неколку клучни аспекти во целиот процес.
Иако компанијата најавува дигитализација со вештачка интелигенција и системи како Real Time Optimiser, сепак треба да се обрне посебно внимание на одредени клучни аспекти зад кои можно е да се сокријат сериозни еколошки ризици кои директно го засегаат воздухот и здравјето на граѓаните на Скопје.
Имено, апелираме во постапките до јавната расправа посебно внимание да се стави на следните критични и спорни аспекти:
- Спорно согорување на текстилен и пластичен отпад: во рамки на користењето на „алтернативни горива”, во печките се согорува отпад од текстил и пластика што не може да се рециклира.
- Контролата на фугитивната прашина во голема мера се темели на интерни оперативни мерки чија ефективност мора редовно и независно да се проверува: иако во Програмата за подобрување се наведува третирање на патиштата во копот со вода и адитиви, праксата покажува дека фугитивната прашина од отворените копови Усје и Страна Три Круши останува сериозен извор на ПМ-честички кои ветрот ги разнесува директно кон урбаните средини.
- Транспарентност на CEMS системите: податоците од мониторингот на оџаците од печките 3 и 4 не смеат да останат ограничени само на компанијата и надлежните институции, туку треба да бидат јавно достапни.
Затоа, ДОМ уште еднаш јасно ги испорачува следните барања до надлежните институции и менаџментот на компанијата:
· Строга контрола и инспекција врз алтернативните горива: иако замената на фосилните горива со биомаса, текстилен или пластичен отпад се претставува како циркуларна економија, ДОМ бара неселективен и деноноќен институционален надзор над потеклото и составот на овие материјали. Палењето на ваков отпад во Скопската котлина отвора огромен ризик од токсични емисии и не смее да се препушти на саморегулација.
· Јавен пристап и транспарентност на CEMS системите во реално време: податоците од континуираниот мониторинг (CEMS) на оџаците од печките 3 и 4 за прашина и други загадувачки супстанци мора да бидат јавно и транспарентно достапни на независна државна платформа во секое време за да можат граѓаните да имаат реален увид во состојбата на воздухот што го дишат.
· Елиминирање на фугитивната прашина и зголемен инспекциски надзор: наместо еколошки мерки само на хартија, бараме секојдневни, мерливи извештаи од Државниот инспекторат за животна средина за интензитетот на прскање на патиштата во копот со вода и адитиви, за да се спречи разнесувањето на ПМ-честичките кон урбаните јадра.
· Реални резултати од дигитализацијата и системите со вештачка интелигенција: имплементацијата на напредни алатки како Real Time Optimiser мора да резултира со реално, видливо и докажливо намалување на емисиите во воздухот, а не да остане само промотивна алатка без мерлив еколошки ефект.
Правото на чист воздух и здрава животна средина мора да биде врвен приоритет при носењето на сите одлуки поврзани со работата на индустриските капацитети, а не интерес што ќе биде ставен во втор план во однос на економските придобивки.






