Едно лице загина, а 63 се повредени во иранскиот напад врз Кувајт

Во иранскиот напад врз Меѓународниот аеродром во Кувајт едно лице загина, а 63 се повредени, а оштетени се клучните објекти и дипломатска мисија.
Амбасадата на Индија во Кувајт соопшти дека загинатиот е индиски државјанин.
Претходно, МНР на Кувајт ги осуди континуираните ирански напади со балистички ракети и беспилотни летала, насочени кон цивилни и витални објекти. Во соопштението објавено на платформата Икс се наведува дека Иран со нападите ја нарушил безбедноста и стабилноста на регионот го крши меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации. Исто така се посочува дека црвена линија за Кувајт е неговата безбедноста и суверенитет, како и дека нема да толерираат нејзино преминување.
Кувајт прогласи и двајца членови на иранската дипломатска мисија за „персона нон грата“ и побара веднаш да ја напуштат земјата.
Американската Централна команда (ЦЕНКОМ) соопшти дека во текот на ноќта одбила голем ирански напад со балистички ракети и беспилотни летала насочени кон цели во Кувајт и Бахреин, а потоа извршиле одбранбени напади врз цели на иранскиот остров Кешм, како одговор на обидите за напади врз американските бази на Блискиот Исток.
Земјите од Персиски Залив ги осудија иранските напади. Министерството за надворешни работи на Обединети Арапски Емирати нападите врз Бахреин и Кувајт ги оцени како терористички и изрази целосна солидарност со нападнатите држави.
Во соопштението на саудиското МНР се изразува „најостра можна осуда на бруталната иранска агресија и дрското кршење на суверенитетот на братското Кралство Бахреин и братската Држава Кувајт“.
И за Катар иранските напади се „тешко кршење“ на суверенитетот на Кувајт и Бахреин, но и кршење на Женевската конвенција и на меѓународното хуманитарно право.
Иранските напади ги осуди и Јордан, оценувајќи ги како „флагрантно кршење на територијалниот интегритет на соседните држави и јасно кршење на Повелбата на ОН“. Додека Министерство за надворешни работи на Јемен соопшти дека „ракетниот оган ја разоткрива терористичката природа на иранскиот режим, чиј единствен пристап е уништување на регионалната стабилност“.
Нападите врз цивилни цели ги осуди и претседателот на Либан, Жозеф Аун, кој наведе дека Техеран на тој начин грубо ги прекршил основните принципи на меѓународното право.






