Во истрагата за 5- те тони марихуана се вклучува и Албанија

Во истрагата за 5-те тони марихуана, кои беа запленети во Србија, а се со потекло од Македонија, се вклучува и трета држава, односно Албанија.
Како што денеска посочи републичкиот јавен обвинител Ненад Савески, истрагата за овој случај ќе потрае, бидејќи е комплексна и се
истражуваат сомнежи за организиран криминал во Македонија, Србија и Албанија.
Акцијата се случи кон крајот на јануари, кога српската полиција откри и заплени пратка од 5 тони марихуана, која стигнала од Македонија.
Меѓу уапсените беше и Иван Драгниќ, српски државјанин, но и косопственик на фирма во Македонија за одгледување на медицински канабис, со уште тројца Срби.
Станува збор за фирмата АЛПХАПХАРМ ГРОУП ДОО Скопје, која е основана во 2023 година, со основна главнина од 529.050 евра. Компанијата, е регистрирана за одгледување и преработка на зачински, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) пред речиси четири месеци отвори истрага за шест лица поврзани со заплените на марихуана во Северна Македонија и Србија.
Тие се осомничени за кривичното дело „неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори“.






