Брутално претепан црногорски политичар, му ја скршиле вилицата

Советникот на коалицијата „За иднината на Подгорица“ и функционер на Обединета Црна Гора, Миливоје Брковиќ, е тешко повреден откако бил претепан во Подгорица.
Според информациите на црногорските медиуми, во нападот му била скршена вилицата со метален предмет, поради што бил хоспитализиран и му претстои хируршка интервенција.
Случајот е пријавен во полицијата, која презема мерки за целосно расчистување на инцидентот и идентификување на сите инволвирани лица.
Брковиќ за локалните медиуми изјавил дека нападот се случил околу полноќ на Булеварот на револуцијата во Подгорица. Според неговото сведочење, забележал две возила кои се движеле паралелно и го попречувале сообраќајот, по што едното запрело на проширување покрај коловозот.
Тој тврди дека во возилото се наоѓала жена која ја познавал како политички активист и која побарала помош, наведувајќи дека е следена од лица во друг автомобил.
„Кога излегов од автомобилот, едно од лицата ме препозна и веднаш потоа добив удар со тврд предмет во пределот на брадата. Паднав и ја изгубив свеста, а нападот продолжи со удари по главата“, изјавил Брковиќ.
Според медиумските извештаи, меѓу осомничените е и лице од Подгорица кое им е познато на безбедносните служби. Засега не се соопштени повеќе детали за мотивите на нападот, ниту за евентуалните мерки што ќе бидат преземени против осомничените.






