Лимани ќе остане во Владата како вицепремиер или ќе се пресели во Алијанса на Таравари
Каде ќе заврши министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, откако најверојатно ќе биде променет од оваа функција за време на претстојната владина реконструкција најавена за крајот на јуни, откако тој ги наруши односите со лидерите на ВЛЕН и не стана дел од органите на новоформираната партија?

Како што е познато, тој беше потпретседател на БЕСА и стана министер како кадар на оваа партија, која беше дел од коалицијата ВЛЕН, неодамна трансформирана во единствена политичка партија на чело со двајца копретседатели – Биљал Касами и Изет Меџити.
Со текот на времето, Лимани прво ги наруши односите со сопартијците во БЕСА и потоа со останатите лидери на партиите во ВЛЕН, а дека неповратно се оддалечува од оваа партија стана дефинитивно јасно кога седна на заедничка маса на ифтарска вечера во Тирана заедно со албанските опозициски лидери во земјава Али Ахмети и Арбен Таравари.
Но, во меѓувреме тој продолжи да ја врши министерската функција, па дури и јавно да се појавува на заеднички настани со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, што се толкуваше како сигнал дека Мицкоски се уште има доверба во Лимани, за кого претходно велеше дека е додадена вредност во Владата.
Поради сето тоа, ако постои извесност дека Лимани ќе мора да се збогува со моменталната функција, особено ако овој ресор остане во рацете на ВЛЕН, тогаш се уште постои неизвесност дали тој ќе мора целосно да ја напушти власта или пак можеби ќе остане во Владата, со тоа што ќе ротира на друга функција?
Според неофицијални информации, Лимани има добри и коректни односи со Мицкоски уште од времето кога двајцата беа дел од раководството на АД ЕСМ како директор и заменик-директор, па премиерот би сакал да го задржи се уште актуелниот министер за социјала во владата.
…






