ICE ја заострува политиката: Повеќе нема да пријавува смртни случаи по ослободување на мигранти
Американската имиграциска и царинска служба (ICE) донесе одлука да ја укине обврската за пријавување на смртни случаи на мигранти кои ќе починат во рок од 30 дена по нивното ослободување од притвор, потег што предизвика остри реакции кај организациите за човекови права и правните застапници.

Според информациите на „Вашингтон пост“, вршителот на должноста директор на ICE, Дејвид Вентурела, во интерен допис информирал дека агенцијата ќе се врати на претходната практика и ќе пријавува само смртни случаи што се случуваат додека лицата се наоѓаат во нејзин притвор.
„ICE се враќа на стандардната практика на известување за смртни случаи што се случуваат додека поединецот е во притвор на агенцијата“, навел Вентурела.
Правилото за пријавување смртни случаи во рок од 30 дена по ослободувањето беше воведено во 2021 година за време на администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден. Целта беше да се спречат случаи во кои лица со сериозни здравствени проблеми би биле ослободени непосредно пред смртта, со што би се избегнала официјална евиденција за смрт во притвор.
Од американското Министерство за внатрешна безбедност ја потврдија промената, оценувајќи дека е „разумно“ ICE да не сноси одговорност за лица кои починале недели по напуштањето на притворските центри.
Од друга страна, адвокати и активисти предупредуваат дека ваквата одлука може да ја намали транспарентноста и надзорот врз условите во имиграциските центри.
Промената доаѓа во период кога расте бројот на смртни случаи во притвор на ICE. Само во првите пет месеци од годинава се регистрирани 18 смртни случаи, а доколку трендот продолжи, би можел да биде надминат минатогодишниот рекорд од најмалку 30 починати лица, што е највисока бројка во последните две децении.
Организациите за човекови права предупредуваат дека укинувањето на правилото ќе ги ограничи можностите за истраги и утврдување евентуални пропусти во медицинската грижа за мигрантите кои престојувале во притворските центри. Според нив, токму ваквите извештаи во минатото довеле до повеќе владини истраги и проверки на условите во установите под надлежност на ICE. објави Скопје1.мк




