Прва во светот вакцина дизајнирана од вештачка интелигенција
Вештачката интелигенција била користена за развој на вакцина што би можела да заштити од голем број вируси и да спречи пандемии, објави Би-Би-Си.
![]()
Тимот на Универзитетот Кембриџ кој работи на вакцината вели дека ова е прв пат клучната компонента на вакцината да биде целосно дизајнирана од вештачка интелигенција, а потоа тестирана кај луѓе.
Вакцината е дизајнирана да делува на сите варијанти на Ковид и вируси кои заразуваат животни.
Тимот веќе развива одделни вакцини кои би можеле да се справат со грипот и еболата.
Вакцините ги учат нашите тела како да препознаат инфекција за да ги зголемат шансите за борба против неа. Но, некои вируси мутираат – па вакцините можат брзо да застарат. Затоа одредени вакцини се примаат по повеќе пати.
„Секогаш заостануваме, она што се обидуваме да го направиме е да бидеме чекор понапред“, рече професорот Џонатан Хини од Универзитетот Кембриџ.
Истражувачите од Кембриџ зеле познати генетски кодови од низа коронавируси што биле снимени од програми за надзор кои следат потенцијални вирусни закани.
Овие генетски кодови биле анализирани од вештачка интелигенција. Потоа таа дизајнира „суперантиген“ кој може да го тренира имунолошкиот систем на таков начин што ќе обезбеди заштита од целото семејство вируси дури и ако тие мутираат.
Испитувањата, спроведени на 39 лица биле дизајнирани да проценат дали ваквите вакцини се безбедни. По втората студија во која ќе учествуваат околу 200 лица, подобро ќе се разбере колку добро вакцините го тренираат имунолошкиот систем.
Професорот Саул Фауст, кој работи на дел од испитувањата, рече дека дизајнот со вештачка интелигенција „дефинитивно има потенцијал“ и е „навистина возбудлив“.
„Она што е навистина интересно е што технологијата е многу подобра во дизајнирањето вакцини за потенцијални пандемии кога вирусите се менуваат“ изјави тој.
Професорот Енди Полард, директор на Оксфордската група за вакцини, не бил вклучен во студијата, но вели дека овој пристап генерира убедливи докази во истражувањата врз животни.
„Тоа се фасцинантни податоци и луѓето не би предвиделе дека ќе можат да генерираат вакви имунолошки одговори“, изјави тој.
Тој рече дека вештачката интелигенција ќе биде „пресвртница“ во истражувањето на вакцините и дека алатките на вештачката интелигенција имаат потенцијал да предвидат како имунолошкиот систем ќе реагира на вакцината, што ќе го направи развојот многу побрз и ќе „спаси животи“. (meta)





