Рама обвини дека зад протестите против “Зврнец” стои Иран

Албанскиот премиер Еди Рама, на прашање на новинарите во врска со протестите за “Зврнец”, рече дека не станува збор за еколошко прашање, туку за „хибридна војна“.
Според него, зад протестите стојат ирански елементи, кои, како што изјави, биле вклучени во слични напади.
-Тука не станува збор за еколошко прашање, туку за хибридна војна. Зад протестите стојат Иранците, кои беа вклучени и во други напади“, додаде тој.
Премиерот додаде дека во моментов нема што да се дискутира во врска со ова прашање, бидејќи, според него, нема одобрен проект и оти прикажаните видеа се лажни.
– Проектот во Зврнец не е оној за кој се зборува. Видовте лажни видеа од Тирана… Нема што да се дискутира, бидејќи нема одобрен проект, истакна Рама.
Во меѓувреме претставниците на граѓанското општество, кои добиваат се поголема поддршка, вечерва ќе го одржат шестиот последователен протест против проектот за изградба на луксузен ресорт, кој се поврзува со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Албанската влада во септември 2022 година ги прекина дипломатските односи со Иран по серијата кибернапади врз системите на државните институции.
Двете земји имаат тензични односи од 2014 кога Албанија прими над 3.000 членови на протераната опозициска група Народна муџахединска организација на Иран, која постави камп кај Драч.






