Галибаф: Израелската агресија врз Либан ги претвора американските бази во легитимни цели

Иран е подготвен за директна конфронтација со САД, ако продолжи израелската офанзива во Либан, изјави претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач Мохамед Багер Галибаф.
Неговата изјава уследи откако Израел денеска ги бомбардираше јужните предградија на главниот град на Либан, Бејрут, само неколку дена откако стапи во сила примирјето постигнато во Вашингтон.
– Поморската блокада на иранската нација и зеленото светло што САД му го даде на ционистичкиот режим ги претвора американските бази во регионот во легитимни цели, објави Галибаф на платформата Икс.
Тој посочи дека иранската армија е подготвена да дејствува.
– Ако продолжи израелската агресија против Либан, нема да го прекинеме процесот на преговори туку веднаш ќе се впуштиме во директна конфронтација со непријателот, истакна Галибаф.
Претходно, пратеникот и портпарол на Комитетот за национална безбедност и надворешна политика на иранскиот парламент, Ебрахим Резаи најави „цврст и болен“ одговор по денешните израелски напади врз јужните предградија на Бејрут.
Либанската новинска агенција (ННА) јави дека цел на израелските напади биле два стана во квартот Дахија.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека денешните напади се одмазда за нападите на Хезболах врз северниот дел на земјата. Израел утрово идентификуваше најмалку пет проектили лансирани од територијата на Либан.
Хезболах засега не презеде одговорност.






