Пукање во Сараево: Три лица ранети во Спомен-паркот Враца, две во тешка состојба
Најмалку три лица се повредени во пукање што вечерва се случило во Спомен-паркот Враца во Сараево, соопшти Министерството за внатрешни работи на Кантонот Сараево.

Според информациите од полицијата, инцидентот бил пријавен во 18:15 часот. Двајца повредени мажи биле пренесени во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево, додека третото повредено лице самостојно се јавило во болница во Источно Сараево.
Полицијата соопшти дека службеници се наоѓаат на местото на настанот и дека за случајот е известен и дежурен обвинител од Кантоналното обвинителство на Сараево.
Според локалните медиуми, повредените лица се во тешка здравствена состојба.
Покрај припадниците на МВР на Кантонот Сараево, на терен се ангажирани и полициски службеници од Министерството за внатрешни работи на Република Српска, како и припадници на Федералната управа на полицијата.






