(Видео) Автомобил удри во паркирани возила, мајка и ќерка избегнаа трагедија за секунди
Брзата и присебна реакција на мајка во Грција најверојатно спречила трагедија, откако автомобил изгубил контрола и удрил во неколку паркирани возила во градот Нафпактос.
Инцидентот бил снимен од безбедносни камери, а видеото за кратко време се прошири на социјалните мрежи.
На снимката се гледа како 39-годишна жена ја вади својата ќерка од задното седиште на автомобил „Фолксваген Поло“. Само неколку моменти подоцна таа забележува дека кон нив се движи автомобил што изгубил контрола, по што веднаш го зграпчува детето и се оддалечува од возилото.
Само секунди подоцна, автомобил „Мерцедес“ удрил во паркираните возила, меѓу кои и автомобилот покрај кој стоеле мајката и девојчето.
Според локалните медиуми, 75-годишниот возач на „Мерцедесот“ изгубил контрола над возилото, преминал во спротивната коловозна лента и удрил во повеќе паркирани мотоцикли и автомобили.
„За среќа, ќерка ми посака да излезе од автомобилот. Да останеше на задното седиште, веројатно немаше да преживее“, изјавила мајката по несреќата.
И покрај сериозноста на инцидентот, нема повредени лица, но причинета е значителна материјална штета.
Полицијата утврдила дека возачот не бил под дејство на алкохол, но против него се води постапка поради несовесно управување со возило. Неговата возачка дозвола веднаш била одземена, а надлежните институции дополнително ќе одлучуваат дали ќе му биде дозволено повторно да управува моторно возило.
Случајот предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде што многумина ја истакнаа присебноста на мајката како клучна за избегнување на можна трагедија.





